Во просториите на општина Куманово неодамна беа презентирани приоритетните проблеми и потреби детектирани од жените од осум рурални и приградски заедници: Перо Чичо, Карпош, Тромеѓа, Табановце, Романовце, Пчиња, Иго Тричковиќ и Биљановце.
Преку работата на женските кружоци, жените ги идентификуваа најитните предизвици со кои секојдневно се соочуваат во своите заедници. Меѓу клучните проблеми беа посочени нефункционалната канализација и водоводната мрежа, неасфалтираните улици и недостигот од тротоари, небезбедниот јавен превоз, запуштените јавни и рекреативни простори, како и прашања што директно ја засегаат безбедноста и здравјето на жените, децата и домаќинствата.
На средбата беа упатени конкретни барања до локалната самоуправа, меѓу кои – воспоставување функционални механизми за активно учество на жените во креирањето локални политики, унапредување на основната инфраструктура (канализација, водовод и асфалтирање), изградба на безбедни патеки и тротоари, обезбедување стабилен и соодветен јавен превоз, уредување и одржување на јавни и рекреативни простори, редовна комуникација и зголемена транспарентност во работењето на општинските служби.
Учесничките потенцираа дека системското вклучување на жените во процесите на донесување одлуки е клучно за креирање подобри, пофер и поодржливи локални политики кои одговараат на реалните потреби на заедниците.





