Колективната сила, солидарноста и креативноста на жените се во фокусот на видеото „Жените ткаат промени“, кое преку симболиката на ткаењето ги поврзува нивните лични искуства, предизвици и надежи. Видеото испраќа силна порака за потребата од конкретни промени и активна вклученост на носителите на одлуки во унапредувањето на родовата еднаквост.
Секоја рачна креација прикажана во видеото претставува глас на жена која се соочува со различни општествени реалности, од нееднакви можности до потребата од поголемо учество во процесите на одлучување. Ткаењето, како традиционална и симболична активност, служи како визуелна метафора за заедничката борба, но и за можноста пораките да се испреплетат во силен колективен повик за промени.
Видеото е изработено во рамки на проектот „Жените го преземаат водството во локалните заедници“, кој има за цел да го зајакне женското лидерство и учеството на жените во локалниот јавен живот. Проектот се реализира со поддршка на Европската Унија и е ко-финансиран од Шведска.
Содржината на видеото е единствена одговорност на The Kvinna till Kvinna Foundation, Здружението за унапредување на родовата еднаквост „Акција Здруженска“ од Скопје и Хуманитарното здружение „Мајка“ од Куманово, и во никој случај не ги одразува ставовите на Европската Унија и Шведска.
Продукцијата на видеото е потпишана од „Трет сектор продукција“, а преку уметнички и документарен пристап, видеото успева да ја пренесе пораката дека женските гласови не само што треба да се слушнат, туку и да бидат преточени во реални политики и одржливи општествени промени.





